Пцуење, колнење, заканување од страна на вардарци, од играчите, но и од раководството на клубот кон судиите по натпреварот меѓу Шкендија и Вардар, на кој гостите беа драстично оштетени откако во 38.минута не им беше признат чист гол за 1:1. Од видеото се гледа дека околу судиите на чело со Димитар Мечкаровски има необично голем број припадници на МВР кои веднаш реагирале како што треба и спречиле голем инцидент. Посебно интересно било во подтрибинскиот простор на стадионот во Тетово пред влезот во судиската соблекувална. Но полицијата ги спасила судиите, тоа е најважно.

Инаку неофицијално дознаваме дека по денешното дерби во Тетово, Сергеј Самсоненко, сопственикот на Вардар најавил повлекување од клубот. Едноставно тој посочил дека веќе нема намера да фрла пари во ваков фудбал. Дознаваме исто така дека тој уште на полувремето побарал од раководните лица на клубот, кои биле во Тетово, жестоко да реагираат по навистина катастрофалната одлука на судиите кога Вардар беше оштетен. Се очекува во текот на утрешниот ден ФК Вардар да излезе со дополнителна реакција околу случувањата во Тетово.

Кога сме кај таа 38.минута да кажеме дека најголема вина има кај Дарко Стојчевски, судијата кој беше позади голот. Тој мораше, ама баш мораше да види дека шутот на Најдовски заврши зад гол-линијата на Шкендија. Тој и оној судија од мечот во Маџари, кога тогаш Вардар беше домаќин, гледаа по се изгледа нагоре, во чавките, а не каде што треба. За жал…

И сега на крајот се прашуваме зошто се фрлаат пари за дополнителни судии кога нема фајде од нив?