Искусниот македонски репрезентативец Ѓоко Јосифов пред 15-тина дена беше претставен од Вардар како големо засилување во пресрет на вториот дел од сезоната, за по затворањето на преодниот рок во Одбојкарската федерација на Македонија, тој да биде регистриран како играч на Шутова.

Средниот блокер наместо во „црвено-црните“ редови заврши во кичевскиот тим, кој во 2016 година ја освои првенствената титула.

Патот од Скопје до Кичево е апсолутна енигма, со оглед на тоа дека Јосифов првично поднел молба за регистрација во Вардар до ОФМ, а од вардаровиот табор потврдија дека ги покриле и трошоците за авионскиот билет и сместувањето за репрезентативецот да дојде дома и да ги дефинира формалностите со новиот клуб.

Но наместо договор, Јосифов, ја менува одлуката и е регистриран како нов член на Шутова.

Вардар нема мирно да премине преку ваквиот однос на Јосифов, туку покренува случај на Арбитражниот суд за спорт при Македонскиот олимписки комитет, како прва инстанца.