Учителот со лекција за ученикот. Никола Илиевски – Џиџи, тренерот на Ренова го совлада Вардар со убедливи 4:0 денеска во рамките од 20. коло од ПМРЛ. Против својот некогашен клуб Џиџи славеше убедлив триумф, му нанесе тежок удар на најтрофејниот клуб, го совлада некогашниот свој фудбалер од репрезентацијата. Но, на крајот како вистински џентлмен, им посака и на Вардар и на Васоски се најдобро, и секако, излез од оваа длабока криза.

„Јас сум задоволен, од победата затоа што Вардар е Вардар. Вардар има добар тим и секако дека морам да бидам задоволен од овој триумф“, рече Џиџи кој го откри „рецептот“ за триумфот, и додаде дека го очекувал да биде волку убедлив

„Искрен да бидам, очекував ваков триумф, па можам да кажам очекував убедливо да го совладаме Вардар. Имаше неколку апсекти кои ги приметив кај Вардар. Тактички свесно им препуштив повеќе да играат, за да имам повеќе простор да го спроведам она што можеме да го искористиме против Вардар, односно тој нивен слаб момент на затворање. Можете да разговарате и со раководството и со нашиот капитен на кои им најавив дека ќе славиме убедлива победа. Го гледавме она што Вардар го одигра со Шкендија, и мислам дека слабото покривање, и неиграњето на Брдаровски и на Најдовски беше клучно. Токму на тие позиции Вардар беше хендикепирен и ние ги искористивме тие слабости. Честитки и до моите играчи за сето она што го спроведоа на теренот“, изјави Џиџи.

Тој смета дека Васоски е вистинскиот човек за екипата, и му посака се најдобро. За него говореше во суперлативи.

„Му посакувам добри резултати. Има одлично фудбалско минато, играч што играл во Буднеслига, и имал тренери и селектори од кого има што да научи. Го ценам и го почитувам, знам дека е голем професионалец, но фудбалот е таков и има позитивна и горка страна. За жал, Васоски ја почувствува горчината, но му посакувам побрзо да почне да ги чувствува и позитивните работи. Да им честитам и на фудбалерите на Вардар за коректната игра и за спортски подадената рака на крајот од мечот. Исто така честитки и до судиите“, рече Илиевски.