Во интервју за радиото „УнионРајо“, репрезентативниот голман Столе Димитриевски открива дека во последниот ден од преодниот рок имал понуда да замине во Барселона, во тимот на Еспањол, меѓутоа се решил да остане во Мадрид и да брани во тимот на Рајо Ваљекано со кого пред неколку недели го продолжи договорот.

„Во последниот ден имав понуда од Еспањол, но се решив да останам во Рајо Ваљекано. Тука ми е убаво, Мадрид е убав град, веќе се навикнав и сметам дека не погрешив со ваквиот потег“, изјави Димитриевски.

Тој открива дека во последниот ден се договорал со претставниците на Рајо за потпис, и успеал да се договори.

Димитриевски откри и како заврши во Шпанија.

„На 16 години бев на проба во Ајакс, а потоа и во Утрехт каде што минав пет месеци играјќи пријателски натпревари. Не можев да останам поради документите. Се вратив во Македонија играв за Работнички, а потоа отидов во Удинезе, кој одлучи да ме прати на позајмица во Шпанија. Минав шест месеци во Кадиз, потоа и во Гранада, а потоа во Гимнастик“, рече голманот кој истакнува дека во младите категории почнал како играч, а потоа станал голман.