Само што се врати како селектор на У-21 селекцијата, Благоја Милевски веднаш се зафати со работа. Тоа се вика професионализам. Имено тој веќе го подготвува списокот на репрезентативци на кои ќе смета за „Анталија Купот” во Турција, кој ќе се одржи од 20-27 март. Дознаваме дека во текот на следната недела Милевски ќе го објави списокот на играчи на кои ќе смета за овој турнир на кој покрај Македонија, во нашата група ќе бидат и младите селекции на Летонија, Казахстан, Украина и Естонија.

И од „ѕверовите” да направи победничка генерација

Инаку Милевски е свесен дека пред него е тешка работа, како и во минатото така и сега има добра репрезентација. Сега ќе ги предводи „ѕверовите”, една од нашите најталентирани генерации. Генерација која ветува дека со добра работа на сите во репрезентацијата ќе може барем да и се приближи на онаа селекција на Барди, Николов, Радески, Велковски и другите, кои настапија на ЕП 2017 во Полска. Зарем треба да се трошат зборови за Митревски, Чурлинов, Атанасов и останатите „ѕверови”.

А квалификациите за ЕП 2021 во Унгарија и Словенија стартуваат во септември. За ривали ги имаме селекциите на Шпанија, Израел, Црна Гора и Ф. Острови.