Вардар в сабота, во Скопје, против европскиот првак Монпеље ја затвора групната фаза од Лигата на шампионите.

Вардарци се уште во игра за втората позиција во групата А, но прво е потребно да го победат Монпеље, а потоа да чекаат резултати од другите средби.

Вардаровите ракометари се комплетно фокусирани на францускиот состав и ги имаат разработено сите можни сценарија.

„Последен натпревар за нас во групната фаза од Лигата на шампионите. Многу важен и се надевам на добра игра која ќе донесе победа. Нема да имаме право на грешки, па поради тоа сме комплетно фокусирани на Монпеље и се надевам на успех.

Имаме план А, план Б, план Ц и план Д… На теренот игра оној за кој јас мислам дека треба да игра и важно ми е тоа да функционира не само во нападот, туку и во одбраната, кој колку трча и колку дава. А, против Монпеље ќе ни биде потребно сето тоа.

Играме дома, пред нашата публика и се надевам дека ќе завршиме со победа“, потенцираше Роберто Парондо, стратегот на Вардар.

Вардарци имаат ситни проблеми со повреди, но Шпанецот потенцира дека в сабота сите ќе бидат фит.

„Имаме проблеми со некои пет-шест играчи, кои се жалеа на повреди кои не се премногу сериозни. Не можам да кажам дали некој ќе игра или ќе одмара. Работиме на тоа од ден на ден и се надевам дека сите ќе ги имам на располагање против Монпеље“, додаде Парондо.