Првиот натпревар од квалификациите за пласман на ЕУРО 2020, Македонија ги започнува на домашен терен, на 21 март, кога ја пречекува Летонија на Националната арена „Филип Втори” во Скопје (20:45 часот), а ФФМ ги пушти во продажба билетите кои се по симболична цена, 150 денари.

Верните навивачи на Македонија ќе можат да купат билет преку продажната мрежа на МКТицкетс или, пак, на благајната на националната арена „Филип Втори”.

Македонија со нови надежи влегува во нов квалификациски циклус и ќе и биде потребна поддршка од трибините за да ја исполни својата цел – пласман на ЕУРО 2020, па затоа наместо на кафе, сите на стадион.

Нашите најдобри фудбалери во циклусот за ЕУРО 2020 се во група со Полска, Австрија, Словенија, Израел и Летонија.