Откако ги пропушти поголемиот дел од подготовките за Хајдук во Анталија, Мирко Ивановски би требало во брзо време да се врати на терените. Голгетерот на сплитскиот клуб имаше повреда на тетивите, и сега почна да тренира со екипата. Останува уште само да се подготви, и да заигра повторно за „белите“ од Сплит.

„Почнав да тренирам со екипата. Сега останува само да се подготвам, и мислам дека во брзо време ќе бидам повторно на терените. Најтешкото помина. Најмногу ме нервираше што не можев да тренирам со екипата“, вели Ивановски за „Спортмедиа“.

Хајдук не стои добро на табелата во хрватскиот шампионат, во моментов е далеку од Европа, но нашиот интернационалец се надева на подобра пролет.

„Нашата цел е да избориме излез во Европа. Се надевам дека ќе се случи тоа. Штета би било да не играме на меѓународна сцена. Со нетрпение чекам да се вратам и да заиграм, и јас се надевам дека ќе помогнам на екипата, нормално со голови“, ни изјави фудбалерот.

Ивановски иако веќе некое време не е дел од националниот тим, сепак, ги следи случувањата во селекцијата. Истакнува дека Лигата на Нации е големата шанса која мора да се искористи.

„Сметам дека преку Лигата на Нации нашата репрезентација може лесно да дојде до Европско првенство. Мислам дека сме поквалитетни од Косово. Ако минеме, потоа ќе биде најтешкиот чекор. Меѓутоа верувам во овие момци, со дел од нив сум бил заедно во селекцијата, и мислам дека имаат квалитет. Сега има добра атмосфера, и мислам дека оваа шанса треба да се искористи“, вели Ивановски.