НА ЛА Лејкерс секоја победа му е важна за место во плеј-офот, но овој пат кошаркарите не успеаја да ја сочуваат предноста од десет поени во третата четвртина. Влегоа во неизвесна завршница, по тројката на Рондо дојдоа на плус два 118-116, но од овој момент постигнаа само два поени, на другата страна Милвоки направи серија од 12-0 за целосен пресврт и голема победа.

Бледсо со 31 поен, девет скока и пет асистенции го предводеше својот тим, кај домашната екипа Брендон Инграм и Лберон Џејмс имаа по 31 поен, со тоа што „кралот” додаде и 10 асистенции.

Лејкерси со скор од 30 победи и 32 порази се на десетото место во Западната конференција, додека пак Милвоки е лидер на Истокот.

Во Атланта се одиграни четири продолженија, по голема драма, Чикаго успеа да слави со 161-168. Јанг со 49 поени беше прво име кај домашниот тим, додека пак во редовите на Булси, Лавин имаше 47 поени и девет скока.

И со оваа победа Чикаго остана на 13 место во Источната конференција, зад Атланта.

Резултати: Атланта – Чикаго 161-168 (прод.), Бруклин – Шарлот 112-123, Бостон – Вашингтон 107-96, Торонто – Портланд 119-117, Феникс – Њу Орлеанс 116-130, Сакраменто – ЛА Клиперс 109-116, ЛА Лејкерс – Милвоки 120-131.