Македонскиот првак Вардар попладнево (17:30 часот) во СЦ „Јане Сандански“ го пречекува европскиот шампион Монпеље во последното коло од групната фаза во Лигата на шампионите.

За вардарци триумф ќе значи победничка одјава од оваа фаза и најава за она што следи во продолжение – елиминациите, додека за Монпеље овој меч е „да се биде или не“, бидејќи од него зависи нивниот опстанок во најсилното европско клупско натпреварување.

Ако се суди според традицијата тогаш Монпеље нема што да бара во Скопје, со оглед на тоа дека никогаш во меѓусебните дуели со „црвено-црните“ во групната фаза од елитата не успеал да се радува.

Вардар има серија од 3-0. Токму вардарци беа тие кои ја најавија катастрофалната сезона на бранителот на титулата и на првиот меч во сезоната со 27:24 славеа нагости кај Монпеље.

Претходно двете екипи се имаат соочено во групната фаза во сезоната 2015/2016 каде македонскиот тим славеше и на гости, 30:25, но и дома, 34:26.

Тимот на Патрис Канаје единствено на неутрален терен успеал да го победи Вардар, односно лани во полуфиналето на Ф4 во Келн, 28:27, кога му застана на патот на Вардар кон финалето и не му даде шанса да ја брани европската круна.