Возбудувањата во машката Суперлига се враќаат на сцена денеска, со 15. коло од регуларниот дел од сезоната, кое ќе го обележи „езерското” дерби меѓу Струга и Охрид.

Дуелот е закажан за вечерва (19 часот, СРЦ „Тими“), и нема да биде само прашање на престиж, туку бодовите се од големо значење и за едните и за другите. Охрид би бил пред промоција во „плеј-офот” додека Струга со три бода би останала во трката за едно од трите места кои водат понатаму во разигрувањето за титулата.

Голманот Филип Ивановски и десниот бек Стефан Трпчевски кои го засилија Охрид на полусезоната премиерно ќе ги видиме во „езерското“ дерби, додека искусното засилување Реваз Чантурија ќе дебитира во редовите на Струга.

Струга во дербито нема да ја предводи главниот стратег Андон Бошковски, кој поради здравствени проблеми најверојатно ќе и се приклучи на екипата во „плеј-оф“ или „плеј-аут“ разигрувањето, а тимот денеска ќе го води неговиот асистент, Славчо Каланоски.

Во останатите дуели се среќаваат Вардар Ј. со Пролет, Борец го пречекува Бутел, додека Радовиш игра со Пелистер.

Во пресрет на последните четири кола единствено е сигурно дека Еурофарм Работник ќе игра во „плеј-офот” заедно со бранителот на титулата Вардар и Металург (кои ќе се приклучат), додека за останатите три места и натаму во игра се пет екипи, Охрид, Пелистер, Пролет, Бутел и Струга.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ:
Вардар Ј. – Пролет 12:30ч.
Борец – Бутел 16:00ч.
Радовиш – Пелистер 18:00ч.
Струга – Охрид 19:00ч.