„Старата Дама“ стигна и до 23-тата победа оваа сезона во Италија откако вечерва во дербито со второпласираниот Наполи славеше на гостински терен со 2:1. Шампионот остана непоразен и по 26 кола, што јасно покажува дека немаат конкуренција за титулата и оваа година.

Јувентус одигра одлично прво полувреме и најави дека на гостувањетѕо на Сан Паоло е дојден да ја продолжи победничката серија во првенството. Момците на Масимилијано Алегри успеаја да поведат во 28. минута по еден брилијантен слободен удар на Пјаниќ, кој дојде само неколку минути по исклучувањето на голманот Алекс Мерет кој стартуваше над Роналдо надвор од шеснаесетникот и доби директен црвен картон.

До крајот на првото полувреме предноста беше зголемена, откако Емре Џан се запиша во листата на стрелци во 39. минута.

Во вториот дел силите на теренот беа израмнети, откако стрелецот на првиот гол Миралем Пјаниќ мораше во 47. минута да го напушти теренот откако доби два жолти картони. Каљехон успеа да погоди во 61. минута и да намали на 1:2.

Откако притиснаа, домашните се изборија и за удар од белата точка на 5 минути пред крајот. По консултацијата со ВАР, судијата го потврди пеналот, но шансата за израмнување ја „прокоцка“ Лоренцо Инсиње. Тој го погоди левиот дирек од голот на Јуве и резултатот остана во полза на гостите.