Охрид направи чекор наназад на патот кон „плеј-офот“ откако во првото коло во пролетниот во Суперлигата со 29:25 (14:14) загуби на гостувањето во Струга.

“Езерското дерби“ кое беше вистинска увертира за возбудувањата во четирите кола кои преостануваат од регуларниот дел на сезоната, не помина комплетно во знакот на домаќинот.

Напротив Охрид беше тој кој ја имаше иницијативата 4:7, но Струга брзо се консолидираше и со серија дојде до 7:7. Иако струшкиот суперлигаш не беше предводен од главниот стратег Бошковски, тоа не беше проблем да парираат на големиот ривал. Во рамноправна игра на полувремето беше 14:14.

Главната најава за триумфот Струга ја имаше во продолжението од натпреварот, кога одигра одлично во воведните десет минути и дојде до највисока предност (19:15). Сега Охрид беше тој што се врати во игра и се доближи до 23:21, но не успеја да се избори за целосен пресврт.

На останатите натпревари Пролет го совлада Вардар Јуниор со 32:21 (13:12), Бутел немаше проблеми во Велес и со 43:21 (21:8) славеше над Борец, додека Пелистер лесно мина во Радовиш 36:27 (18:13).