Интересни први пет натпревари од осминафиналето на Лигата Европа. На четири имаше голови, а само таму каде што се очекуваше мрежите мируваа. Динамо направи голем чекор напред кон историското четвртфинале во ЛЕ, Зенит пред елиминација, Арсенал ќе брка голем дефицит на реваншот

Динамо и Бенфика одиграа убав меч на „Максимир” пред 29.700 гледачи. Португалците имаа убава шанса на почетокот да го замолкнат стадионот, но ударот на Алекс Грималдо го запре голманот Ливаковиќ. А во 36 минута Рубен Диас направи пенал кој во гол го претвори Бруно Петковиќ за голема еуфорија на трибините на стадионот во Загреб. Пред крајот на првиот дел „Модрите” можеа да поведат со 2:0, Амер Гојак се најде очи во очи со противничкиот голман шутна но Влаходимос се фрли и му го одбрани шутот.

Во последната минута Гаврановиќ имаше супер шанса, но неговиот удар го спречи некој од дефанзивците на португалскиот тим и топката заврши во корнер. А откако беше изведен Шитум за малку не го погоди голот на Бенфика.
Динамо со предност од 1:0 ќе патува на реваншот на „Луж” против Бенфика.

Арсенал е изненаден на гости кај Рен. Големиот фаворит за трофејот доживеа пораз од 3:1 кој ќе треба да го надополнува на реваншот идната недела.
„Топчиите” поведоа со погодокот на Алекс Ивоби. Младиот фудбалер нафрли од косо, а топката го измами противничкиот голман. Во второто полувреме „топчиите” ќе играат со фудбалер помалку затоа што поради два жолти картони беше исклучен Сократис. А уште зашеметени од црвениот картон, Рен го искористија моментот и изедначија на 1:1 преку својот најдобар играч Бериго.
Во 64 минута комплетен пресврт на Французите. Нафрли Зефане, а Кошчиелни ја удри топката која заврши во својот гол. Во финишот на мечот за поубедлива предност на Рен се погрижи Исмаил Сар. Тоа беше супер контра напад на францускиот тим, Леа нафрли, а Сар со глава ја закова топката во мрежата на Петр Чех.

Севиља иако доминираше одигра само 2:2 против Славија Прага. Севиља даде гол уште во првата минута преку Бен Једер, но чешката Славија изедначи во 25 минута преку Стох. Но уште не се израдува како што треба прими погодок. Ел Хадади одново донесе предност за Андалузијците. Но Чесите се жилав противник. Возврати преку Алекс Крал. На почетокот на второто полувреме напаѓачот на Севиља Мунир Ел Хадади го совлада противничкиот голман меѓутоа судијата го поништи голот поради офсајд.

Во Франкфурт, Ајнтрах и Интер во интересен и динамичен натпревар одиграа без голови па патникот во следната рунда ќе го одлучуваат на „Џузепе Меаца” во Милано. Интер беше подобар во првиот дел, а во 21 минута имаше супер шанса за погодок. Но Марцело Брозовиќ утна пенал, поточно неговиот удар го одбрани голманот Трап. Во второто полувреме играчите на Ајнтрахт заиграа подобро, а во 51 минута по една убава шанса Себастијан Але постигна гол, но му беше поништен поради офсајд.
Мартин Хинтерегер во 70. минута имаше супер шанса да го казни Интер, но го промаши голот. Meчот го одбележа и црвениот картон за тренерот на Ајнтрахт Ади Хитер поради протест кон судијата.

А во Санкт Петерсбург големо изненадување. Лидерот во рускиот шампионат Зенит загуби дома од давеникот во шпанската Ла Лига Виљареал. И тоа со 1:3 со што драстично си ги намали шансите за пласман во четвртфиналето.
Виљареал поведе со голот на Ибора во 33. минута, а две минути подоцна изедначи иранскиот Меси – Сердар Азмун откако се најде на вистинското место по ударот на Ѕјуба со глава и додадвањето на Роберт Мак.
Но Шпанците во второто полувреме го замолкнаа Санкт Петербург со два гола во период од седум минути. Прво Морено на центаршут на Форналс го совлада Лунев, а потоа Морланес со шут од далечина ја затресе мрежата на домашниот тим.

РЕН – АРСЕНАЛ 3-1

ЗЕНИТ – ВИЉАРЕАЛ 1-3