Утре со мечевите од 15. коло, стартува пролетниот дел од сезоната 2018/2019 во Втората лига – Исток. Веднаш да кажеме дека и натаму третиот круг ќе се игра по „Бергеров ситстем”, но до таму да се стигне потребно е да се одиграат уште четири кола. Значи од утре истокот, оној фудбалскиот ќе се разбуди од долгиот зимски сон кој траеше повеќе од три месеци.

Велешани во пол-позиција…

Како ретко досега некоја екипа уште пред да стартува пролетниот дел, се означува како апсолутен фаворит за првото место и за влез во Првата лига. Тоа е екипата на Борец, која е во пол – позиција, почнува со +8 бодови предност и само чудо може да се случи составот на стратегот Горазд Михајлов да не успее да ги оствари целите. А тоа е задржување на првата позиција. Секако дека Борец ги има сите предуслови за такво нешто.

Следуваат Кавадарци, Гевгелија, Пехчево и Штип

Тоа значи дека на останатите екипи кои исто така имаат високи амбиции, им останува да се борат само за втората позиција која ги носи во баражот за пласман во елитата. Тиквеш, Кожуф, Кит Го и Брегалница се разделени со пет бодови и секако дека ќе биде супер интересно. Секако дека ќе ја бараат шансата или ќе го чекаат „киксот” на велешани, но тоа во овој момент се чини дека и не е реално.
Ако пет екипи имаат прволигашки амбиции, тогаш останатите пет ќе се борат за да го избегнат најлоштото, а тоа испаѓање од Лигата. Тука се Плачковица, Вардар Неготино, Партизан Обршани, Детонит и најзагрозен е тимот на Саса кој е последен со само 7 бодови.