Салата „Градски парк“ денеска ќе биде претесна за вистинските кошаркарски „гурмани“ на пресметките меѓу Работнички и МЗТ Скопје. Градските ривали го играат дербито број 143, во кое најтрофејниот тим влегува со далеку поголем број на добиени битки, има 87 победи.

Но, бројките секогаш се тргаат на страна…

Првата пресметка сезонава заврши во корист на „црвено-белите”, во СЦ „Јане Сандански” славеа со 88-90, па од таборот на МЗТ Скопје најавија дека доаѓаат по бодовите. Пред стартот на 17. коло, избраниците на Ѓорѓи Кочов се на второто место на табелата со 28 бода и меч повеќе, додека пак Работнички е на третата позиција со еден бод помалку. Победа за „црвено-белите“ ќе значи враќање на лидерското место, кое во моментов го држи Блокотехна.

Марин Докузовски и неговите момци сезонава имаат само еден пораз и 13 победи, на другата страна гостите имаат 13 триумфи и два порази, еден токму од градскиот ривал.

Од мечот меѓу Работнички и МЗТ Скопје ќе има директен пренос од МТВ, истиот ќе биде од хуманитарен карактер.

„Да навиваме и да помогнеме! Најголемото кошаркарско дерби Работнички – МЗТ, овој пат со хуманитарен карактер. Со секоја донација во кутиите поставени во салата, донирате за семејството Љотиќ кое го изгуби својот дом во пожар”, објави Работнички.