Омар Имери е голгетерот на Шкендија оваа пролет. Од сите пет голови на шампионот, дури три се негово дело. И тоа на секој меч по еден. Е тој Имери ќе биде главната опасност по голот на својот поранешен клуб, по голот на Шкупи, во дербито на 22. коло кое се игра утре на Чаир.

„Нема да ми биде прв пат да играм против Шкупи. Секако дека имам многу пријатели таму, минав одличен период во тој клуб. Имам респект кон сите во Шкупи и кон „шверцерите”, меѓутоа кога ќе почне мечот тоа се 90 минути работа, чист професионализам. Тоа ќе биде натпревар во кој секој си ја гледа својата работа, а мојата е да придонесам мојот тим да дојде до посакуваниот резултат” вели за „Спортмедиа”, Омар Имери.

Секој меч за нас е најважен…

„Ние во Шкендија продолжуваме со истиот пристап и со мислата дека секој следен натпревар за нас е најважен. Така е и овојпат кога одиме на гости кај Шкупи. Тоа е мој поранешен клуб, екипа која што оваа пролет покажува добри игри и добри резултати. Токму затоа ние во Шкендија имаме максимален респект кон Шкупи, како и за сите останати екипи во Лигата. Нормално, за да се победи треба да се даде повеќе од 100% од своите можности, да се реализира се што бара од нас стручниот штаб, да се минимизираат сопствените грешки и секако, да се казнат противничките” рече на крајот младиот офанзивец на Шкендија.