По три месеци, па и нешто повеќе, денеска стартува пролетниот дел во Втората лига – Исток. Составот на Кит Го, кој оваа зима се засили со неколку проверени прволигашки играчи, и гостува на Саса во Каменица.
За тоа што може да се очекува од овој прв натпревар, свое видување има Иле Синев, дефанзивецот на пехчевци…
„Мислам дека добро се подготвивме, одлично работевме во изминатите два месеци. Кит Го се засили со квалитетни имиња, па затоа и нашата амбиција е да го „бркаме” тоа второ место во Лигата. Ние не криеме дека сакаме да ја оправдаме довербата на газдата на клубот Кире Гогов, кој верува во овој тим. Затоа не ни преостанува ништо друго освен да одиме на победа во Каменица, и против Саса победнички да ја отпочнеме оваа полусезона” заврши Синев.

Дербито се игра во Гевгелија

Инаку дербито на колото се игра во Гевгелија, каде силите ќе ги одмерат екипите на Кожуф и Брегалница. И двете се во „игра” за тоа второ место. Дербито на дното се игра во Прилеп каде Партизан Обршани го дочекува составот на Вардар од Неготино. Додека во Радовиш, каде играат Детонит и Тиквеш, се освен три бода за гостите ќе биде големо изненадување.

Лидерот посакува победнички старт

Фудбалерите на Борец, тим кој е лидер и кој е со најголеми шанси на крајот да заврши прв, на свој терен во Велес го дочекува тимот Плачковица. Се разбира дека домашниот состав е голем фаворит, но секогаш е тешко да се играат квалитетно тие први натпревари. Па затоа велешани не треба така лесно да го сфатат овој натпревар, треба да одиграат како што знаат за да може да имаат победнички старт, што секако дека е нивна желба.

ДВОЈКИ ЗА 15. КОЛО – ДЕНЕСКА (14 Ч)
КОЖУФ – БРЕГАЛНИЦА
БОРЕЦ – ПЛАЧКОВИЦА
ПАРТИЗАН (О) – ВАРДАР (Н)
САСА – КИТ ГО
ДЕТОНИТ – ТИКВЕШ

ТАБЕЛА
1. БОРЕЦ 37
2. ТИКВЕШ 29
3. КОЖУФ 28
4. КИТ ГО 26
5. БРЕГАЛНИЦА 24
6. ПЛАЧКОВИЦА 15
7. ВАРДАР (Н) 10
8. ПАРТИЗАН (О) 10
9. ДЕТОНИТ 10
10. САСА 7