Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром на денешното гостување кај локалниот ривал Работнички ќе се обидат да му се реваншираат на противникот за поразот во првиот дел од сезоната, а воедно и да се изедначат по бројот на победи во пресрет на Суперлигата.

Тренерот Ѓорѓи Кочов за денешниот меч нема да може да смета на повредените Андреј Маслинко, Љубомир Младеновски, а најверојатно и на Марко Симоновски, но има доволно квалитетни кошаркари кои може да го понесат товарот и да се обида да триумфираат во „Градски парк”.

„Дербито ни доаѓа во незгоден момент, бидејќи имавме само еден ден за подготовка по тешкото гостување кај Сутјеска и напорниот пат до Никшиќ. Но, пресметките со Работнички секогаш се посебна приказна и сигурен сум дека моите играчи ќе најдат мотивација и енергија да издржат и да ги надополнат празнините кои ги имаме во тимот поради неколкуте повредени. А, ако го сторат тоа, тогаш сигурен сум дека ќе може да славиме во ‘Градски парк'”, вели Кочов.