Фудбалерите на Арсенал го добија дербито на 30-тото коло од англиската Премиер лига против Манчестер Јунајтед. На дуелот на „Емирати“ одигран попладнево, избраниците на Унаи Емери дојдоа до победа од 2:0 и со тоа му го нанесоа првиот пораз на Оле Гунар Солскјер на меч во Премиер лигата како предводник на „црвените ѓаволи“.

Домашните го отворија резултатот со голот на Џака во 12. минута. Во второто полувреме, Арсенал успеа и да ја удвои предноста откако во 69. минута судијата му додели пенал на домашниот состав, а успешен реализатор на најстрогата казна беше Пјер-Емерик Обамејанг.

Манчестер Јунајтед, исто така, пропушти неколку добри шанси да постигне гол. Ромелу Лукаку на почетокот на мечот ја погоди пречката, а потоа и Фред имаше одлична шанса за погодок.

По 30. кола „топчиите“ собраа 60 бода и се најдоа на 4. место на табелата. Манчестер Ј. е петтопласиран со 58 бода.