Вардар после цели 11 натпревари успеа да ја сочува мрежата. Прв пат во оваа година, „црвено-црните“ завршија натпревар без примен гол. Тоа се случи последен пат минатата есен во дуелот со Академија Пандев одигран во Турново (0:0), а сега и против Беласица, Вардарци успеаја да ја сочуваат мрежата.

„Лошата“ серија на дефанзивата почна на седумте контролни натпревари одиграни на подготовките во Турција. Таму Вардарци, со исклучок на мечот со Подбрезова, примаа два и повеќе гола на секој натпревар. „Разнишаната“ одбрана се покажа ранлива и по враќањето на екипата од Турција.

Имено, во натпревар кој се играше 120 минути, Вардар прими шест гола од Академија Пандев.

Вклучувајќи ги натпреварите во првенството против Шкендија (пораз 1:0), против Ренова (пораз 4:0), и Македонија ЃП (победа 4:1), се доаѓа до бројка од цели 11 меча во кои одбраната барем еднаш „пукаше“.

Сега, пак, Васоски има мака во нападот. Таму напаѓачите тешко погодуваат. Освен оние четири гола со Македонија ЃП, Вардарци на другите мечеви останаа на „нула“.