Умит Каран или Умит ВЕЛИЧЕНСТВЕНИОТ. Тоа е човекот кој со Шкупи оваа пролет прави дармар во мак-фудбалот. Со него чаирчани се тим кој сега е респект, кој сега се бори дури и за излез во Европа. Само да се потсетиме каде беше Шкупи во септември или октомври, верувале или не, беше на последното место. Во тоа време се менуваа тренерите како на филмска лента, и тогаш дојде тој, Умит Каран. Легендата на фудбалот во Турција.

Кажуваат дека на првиот тренинг, додека играчите тренирале тој побарал на терен, да не губи време, да му донесат кафе. Некои помислиле, гледај го овој шарлатан, што ли прави. Е тој „шарлатан“ сега е обожаван од сите во клубот, посебно од фановите, од „шверцерите“. Сега во него гледаат како на човек кој повторно ќе ги однесе во Европа. Со него Шкупи го има најдобриот биланс во ПМФЛ во пролетниот дел од сите останати. Од можни 12 бодови, Каран освои 10. Притоа ги победи А. Пандев во Струмица и Шкендија на Чаир. Тоа се втората и првата екипа на табелата.

Тука нема среќа, тука нема импровизација, тука има само знаење.

Кога во зимскиот преоден рок од клубот си заминаа 5-6 стандардни првотимци кај него немаше паника. Не правеше проблеми, веруваше во себе, во тие што останаа. Составот беше дополнет со само неколку нови имиња, и ете, сега Шкупи е во директна битка за Европа.

Едноставно, Турчинот Умит Каран си ја знае работата…