Францускиот стручњак Зинедин Зидан по 284 дена се врати на клупата на Реал Мадрид. „Кралскиот клуб“ вечерва го претстави како нов тренер на екипата, а тој потпиша тригодишен договор и ќе го води новиот, долгорочен проект на Реал и Флорентино Перез.

„Ова е посебен ден за сите и среќен сум што се враќам во добро позната средина. Сакам повторно да работам и да го вратам клубот таму каде што му е местото. Го напуштив Реал затоа што ми требаше одмор, на екипата и требаше промена по се што освоивме. Одлучив да се вратам затоа што претседателот ме повика. А со оглед дека многу го сакам овој клуб, еве ме тука. Се враќам по осум месеци“, изјави Зидан.

„Ќе има промени во наредните години. Тука сум да ја подобрам екипата. За тоа ќе зборуваме јас и претседателот. Сега размислувам на преостанатите натпревари оваа сезона. Пред нас се 11 натпревари и сакаме што подобро да ја завршиме сезоната. Ќе дадам се од себе оваа екипа да игра добро“, рече старо-новиот тренер.

„Имав понуди од други клубот, но сакав само едно – да се вратам во Реал Мадрид. Кога ме повика Перез, не можев да го одбијам. Проблемот не е заминувањето на Роналдо. Тој е дел од историјата на Реал, тој е еден од најдобрите играчи во историјата на овој клуб но нема да зборуваме за него. Повторувам, на екипата и треба промена. Но за тоа потоа. Стручниот штаб ќе биде истиот со кои работев и минатата сезона. Можеби на некои нема да им се допадне што се вратив, но тука најважен е Реал. Знам дека оваа сезона е тешка, но мораме и можеме да се вратиме на победничките патеки“, вели Зи-зу.