Од Манчестер Сити се очекуваше да го победи Шалке, но не верувавме дека тоа ќе го направи со шест гола разлика. „Граѓаните“ по оние 3:2 во Гелзенкирхен од првиот осминафинален меч во ЛШ, вечерва требаше само рутински да си ја заврши работата. Но тие удрија со сета сила. 7:0 против немоќниот Шалке.

Со головите на Серхио Агуеро поведоа со 2:0. Пред крајот на првиот дел Лирој Сане се впишува во листата на стрелци по убавата акција на домашните фудбалери. Шалке развеа бело знаме, ако се избегне катастрофа би било убаво… Но не се случи тоа…

Стерлинг, Бернардо Силва, Фил Фоден и Габриел Жесус удрија по „сините“ од Гелзенкихен нанесувајќи им го најубедливиот пораз во европските купови. Претходниот изнесуваше 6:1 од Реал Мадрид во февруари 2014 година.

Интересно, двата најубедливи порази на Шалке на гостински терен во Европа му се од Манчестер Сити. Во 1970 година во полуфиналето на КПК изгуби со 5:1 и сега во осминафиналето на ЛШ со 7:0.

Исто така и го нанесе најголемиот срам на германскиот фудбал. Имено овој пораз на Шалке е најубедливиот на некоја германска екипа во Лигата на шампионите.