Еден од ракометарите од „златната генерација“ на Вардар, кој во сезоната 2016/2017 го крена шампионскиот пехар во Лигата на шампионите, во интервју за „балкан хендбал“, зборува за Скопје, за Вардар и секако за новиот клуб РНЛ.

Секако во фокусот е македонскиот првак со оглед на тоа дека во „црвено-црните“ редови, Абутовиќ порасна како играч и дојде до најголемиот успех во кариерата, како и пречекот во „Јане Сандански“ пред неколку месеци кога за првпат се врати во Скопје.

„Не можам да го опишам тоа чувство. Седум феноменални години, неописливи. Го засакав градот, луѓето, кога ќе влезам во онаа сала, се чувствувам како дома…

Изгледа го заслужив оној пречек, што да кажам. Уште еднаш им благодарам за тоа. Се изненадив, не верував дека така ќе реагираат луѓето. Многу им благодарам“, вели Абутовиќ.

За Вардар нема лош збор.

„Ниту на крај памет не ми беше дека може да направиме такви резултати. Беше тоа здрава, добра група на луѓе, феноменална атмосфера, одличен стручен штаб, се најдобро, немам лош збор за тие седум години. Во првите две кога беше Михајло беше ОК, со Сергеј отиде на високо ниво. Сè најдобро.“

Вардар постои голема шанса да се соочи со Пик Сегед (во кој играат екс-вардарците Кањељас и Македа) во четвртфиналето од Лигата на шампионите.

„Ќе биде интересно да се види тоа. Никој не очекуваше од Вардар вака да игра, сите не изненади. Ни сам не очекував дека ќе играат вака добро. Одлична е работата на Парондо. Играат на високо ниво и Кристопанс и Игор и Скубе… неколку месеци се без Борозан, а сепак држат ниво“, заклучува Абутовиќ.