Цената на акциите на Јувентус порасна за 20% по пласманот на италијанскиот шампион во четвртфиналето на Лигата на шампионите. Тимот од Торино победи со 3:0 на реванш мечот на домашен терен против Атлетико Мадрид, откако три гола постигна Кристијано Роналдо и скоро сам ги порази мадриѓани. „Бјанконерите“ ќе добијат околу 10,5 милиони евра дополнителни приходи од пласманот во следната фаза од најсилниот светски фудбалски турнир. Ова е рекорден износ за еден италијански клуб во оваа фаза од натпреварувањето.

Цената на акциите на Јувентус е толку висока за првпат по октомври 2013 година. Тогаш порастот беше околу 16 проценти.

Гигантот од Торино регистрира и рекордни клупски приходи од билети и права само за натпреварот со Атлетико Мадрид од Лигата на Шампионите. Приходите се проценети на 5,5 милиони евра.