Најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ експресно го заврши настапот на мастерсот во Индијан Велс, откако во третото коло беше елиминиран од германскиот ветеран, Филип Колшрајбер (39 место на АТП листата) со 2-0 (6:4, 6:4).

Со ова Ѓоковиќ останува без шансата да стане апсолутен шампион на Индијан Велс, а фрустрацијата од раната елиминација ја презентираше и на теренот, со фрлање на рекет.

„Да бидам искрен, не сакам да губам… Посебно не на турнир како овој, на турнир на кој во минатото сум имал големи успеси. Имав еден од ’оние’ денови, се случува… Морам да се помирам и да продолжам понатаму. Уште не сум на највисокото ниво, тоа е сигурно, но полека напредувам и се надевам дека ќе бидам на врвот во Мајами“, искоментира Ѓоковиќ по поразот.

Интересно е што Колшрајбер последен пат го победил Ноле пред една деценија, односно во 2009 година. Тој во следната рунда ќе се соочи со Гаел Монфис.