По завршувањето со обврските во регуларниот дел од сезоната во СЕХА лигата, на Вардар му претстои период од десет дена во кој единствено треба да мисли на ППД Загреб и осминафиналниот двомеч со нив во Лигата на шампионите.

Календарот на „црвено-црните“ е чист, а откако денеска добија ден за оддишка од утре Роберто Парондо ќе ги чека во полн состав за да се подготват најдобро што можат за „плинарите“.

„Планот е лесен, едноставен. Тренинзи и видео-анализа, подготовка на тактиката за дуелите со Загреб. Немаме други обврски што значи дека може комплетно да се фокусираме на овој двомеч. Добро го познаваме противникот и мислам дека со добри 120 минути игра и ако немаме технички грешки нема да имаме проблеми. Се надевам дека сите играчи ќе ги имам на располагање“, потенцира Роберто Парондо.

Вардар првиот осминафинален меч со Загреб го игра на гостински терен, на 23 март, додека една недела подоцна, на 30 март во Скопје е закажан реваншот.