Се наближува 21 март, датум на кој нашата најдобра фудбалска репрезентација ќе стартува во нов квалификациски циклус, овојпат за ЕВРО 2020. Почнуваме со Летонија, три дена подоцна и гостуваме на Словенија, во нашата „Г“ група се и селекциите на Полска, Австрија и Израел.

Ден откако го објави списокот за првите два дуели, „Спортмедиа“ направи интервју со Игор Ангеловски – Мрме, селекторот на нашата најдобра репрезентација.

Свесен за предизвикот, одговорноста, се разбира и за очекувањата на јавноста, Мрме е доста мирен, релаксиран иако за разлика од Лигата на Нации сега ќе имаме поквалитетни ривали.

„Веќе неколку месеци ние во стручниот штаб се подготвуваме за овие квалификации. Мислам дека сме подготвени, се знаат нашите желби, амбиции. Еве веднаш да ви одговорам она што најмногу ве интересира вас, но и целата јавноста. Селектор сум нешто повеќе од три години, не менував и не експериментирав многу со составот, многу добро знам кого повикувам и што можеме, затоа сметам дека најдоброто од оваа генерација допрва следува“ вели Ангеловски.

-Со колку бодови од средбите со Летонија и Словенија селекторот ќе биде задоволен?

„За мене најважен е само натпреварот кој што следува, затоа не сакам да говорам врзано за двата меча со Летонија и Словенија со колку бодови ќе бидам задоволен. Сега во мислите ни е само Летонија, а од овој меч јас посакувам победа и три бода. И сметам дека имаме сила за такво нешто. Сакам победнички старт“.

-Може ли Македонија до првото или второто место во групата, место кое носи на ЕП?

„Искрено групата е квалитетна, според мене Полска и Австрија се благи фаворити, а сите останати селекции рамноправно ќе бијат битка за тоа трето место. Но тоа се прогнози, очекувања и слично. Ние ќе сториме се што е во наша можност да дојдеме до тоа место кое води на ЕВРО 2020, сепак да не заборавиме дека имаме добра шанса и преку Лигата на Нации да ја израдуваме нација со историски успех“.

-Во каква формација ќе играме, дали Мрме ќе ја менува нему омилената 3-5-2?

„Во изминатиот период, во време кога јас сум селектор, сме промениле неколку формации, но секогаш најстојувавме да играме офанзивно, на гол повеќе од противникот. Е тој стил нема да го менуваме и во овие квалификации. А формацијата ќе биде во зависност од противникот, од она што во моментот го имам на располагање, од формата. Значи формацијата ќе се менува по потреба, но стилот ќе биде ист“.

– На стартот веднаш проблеми, ќе недостасуваат тројца клучни играчи?

„Тоа се Адеми, Спировски и Тричковски, секако дека со нив ќе имавме повеќе опции во составувањето на првите единаесет, но не се жалам, нема да „плачам“ зошто тој или овој го нема“

Успех е што јавноста од нас сега бара пласман на ЕП!

На крај селекторот Ангеловски сакаше да каже дека зошто е горд на една работа, покрај другите, кои се поврзани со селекцијата.

„Кога дојдов на ова место дебитирав на мечот со Црна Гора, се сеќавате тоа беше пријателски натпревар. На пресот дојдоа само 4-5 новинари, искрено атмосферата во А тимот не беше добра после оние силни порази во серија. Ретко кој го интересираше во Македонија што тоа прави репрезентацијата. Но еве, по повеќе од три години дојдовме во позиција јавноста, цела држава да бара од нас пласман на ЕП. Е тоа е успех, на тоа сум горд. Значи сме успеале да го подигнеме реномето и рејтингот на репрезентација во очите на јавноста. Е на тоа сум горд“ заврши Ангеловски.