Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, се пошегува дека кога ќе замине во пензија ќе напише книга за вештините на неговиот централен дефанзивец Вирџил Ван Дајк. Холанѓанецот минатата ноќ одигра феноменален натпревар против Баерн Минхен во „Алијанц арената“, откако најпрво му помогна за првиот гол на Садио Мане со долг пас, а во средината на вториот дел го постигна оној маестрален гол со глава со кој го врати Ливерпул во водство од 2:1.

„Вирџил ван Дајк беше брилијантен. Играше феноменално во дефанзива и уште подобро пред голот на Баерн, затоа можам да кажам: „Каква само вечер беше оваа Вирџил”. Можам да напишам книга за неговите вештини, за неговата сила, за тоа колку многу го сакам, за тоа што е прекрасна личност”, рече Клоп, кој блескаше од среќа.