Англиски Челзи имаше импресивен настап на гостувањето во Киев во реванш мечот од осминафиналето во Лигата на Европа, откако вечерва го декласираше домашниот Динамо со 5:0. „Петардата“ на Олимпискиот стадион во Киев ја најави Жиру во 5. минута, а истиот фудбалер до крајот уште двапати се запиша во листата на стрелци и со хет-трик го заврши ова гостување. Дебаклот на домашните го „зачинија“ со погодоци и Маркос Алонсо и Хадсон-Одои, додека Динамо (К) двапати преку Гармаш ја погодуваше мрежата на Кепа, но и двата гола беа поништени поради офсајд.

Со вкупен резултат 8:0 Челзи продолжува во четврфиналната фаза.

Вториот голем фаворит вечерва, Наполи, по домашните 3:0 дозволи да биде поразен на гостувањето во Австрија. Салцбург со голема упорност успеа да дојде до чесна победа од 3:1 и достојно да ги заврши настапите во европските купови. За одбележување е прекрасниот погодок на Милик со кој гостите практично и први дојдоа до предност.

Во најнеизвесниот меч од оваа прва осминафинална реванш сесија, екипата на Краснодар со гол во 85. минута успеа да ја надомести негативата од гостувањето кај Валенсија, но не и да се пробие меѓу 8-те најдобри во Лигата на Европа. Моментот на одлука беше голот на Гуедес во 93. минута со кој Валенсија израмни на 1:1 и успеа да им се приклучи на Наполи и Челзи во четврфиналето.


ЛИГА НА ЕВРОПА

ОСМИНАФИНАЛЕ (РЕВАНШИ)

Динамо (К) – Челзи 0:5 (0:8)

Краснодар – Валенсија 1:1 (2:3)

Салцбург – Наполи 3:1 (3:4)