Славија Прага е сензацијата во Лига Европа откако вечерва успеа да ја исфрли Севиља, мајсторот за освојување на трофејот во ова натпреварување. Шпанците овојпат не успеаја, се посрамотија на гостувањето кај чешкиот великан кој по долги години стагнација почна да се крева.

Славија вечерва славеше со 4:3 по продолженијата откако во регуларниот дел беше 2:2 исто како и на првиот меч во Андалузија.

Славија двапати водеше, а Севиља двапати изведначуваше. Во 98. минута андалузискиот тим поведува со голот на Вазкез, но „црвените“ од Прага возврати со голот на Ван Бурен. Севиља беше на прагот на четвртфиналето поради гол повеќе во гости, но храбрата Славија не се предаде. А и среќата ја полази во 119. минута. Во мешаницата Ибрахим Траоре се снајде најдобро и го погоди голот за огромна радост на навивачите на Славија.

Славија првпат во историјата се најде во четвртфиналето.

ГОЛОТ НА ТРАОРЕ ВО 119. МИНУТА…