Во пресрет на 100. настап за фудбалската репрезентација на Македонија на Горан Пандев, стигнаа и специјални зборови на адреса на нашиот капитен од неговиот „специјален“ тренер, Жозе Мурињо, со кој со Интер ја освоија титулата во Лигата на шампионите.

„Горан Пандев е веројатно најдобриот играч во историјата на Македонија. Играч со невиден преглед во играта, креативец, непредвидлив дриблер, фудбалер кој може да игра на повеќе позиции во фудбалската формација. Генијалец кој игра со леснотија, кој толку добро ја познава фудбалската игра, како ретко кој фудбалер. Секогаш колегијален, секогаш за тимот, играч кој многу ни помогна да дојдеме до титулата во Лигата на шампиони. Фудбалер кој би бил првотимец и носител на играта и во многу поголема фудбалска репрезентација. Со еден збор лидер, легенда, човек со кој имав одлична соработка, и за кого секогаш ќе зборувам во суперлатив“, изјави Жозе Мурињо за Горан Пандев.

Натпреварот меѓу Македонија и Летонија од квалификациите за ЕУРО 2020 е закажан за 21. март (20:45 часот) на национална арена „Филип Втори“ во Скопје.