В недела на стадионот „Ванда Метрополитано“ во Мадрид ќе биде одигран најгледаниот женски фудбалски натпревар во историјата на Европа. Според пишувањата на шпанскиот печат, комплетниот капацитет од 68.000 места на стадионот за мечот на женските тимови на Атлетико (М) и Барселона е распродаден.

Атлетико (М) е прв на табелата во првенството и има 6 бода предност пред Барселона на 7 кола до крајот на првенството. Токму овој меч може да биде и одлука за титулата. Во светски рамки рекордот за гледаност на женски фудбалски дуел датира од 1999 година кога во Пасадена во финалето на СП на мечот меѓу репрезентациите на САД и Кина се собраа 90.185 навивачи.