Новиот селектор на машката сениорска ракометна репрезентација, Данило Брестовац, ја има основата на својот стручен штаб.

Сите имиња се добро познати за ракометната јавност, а дел од нив работеа и со претходниот селектор, Раул Гонзалез.

„Никола Матлиевски ќе биде мој помошник, Александар Царчев – тренер на голманите, додека Петар Баснарков ќе биде кондиционен тренер, а Димитар Маневски останува кинезитерапевт. Царчев и Маневски беа дел од претходниот стручен штаб, ни се приклучуваат на мене и на Никола. Претседателот на тренерската организација, Гино Стезовски, исто така ќе биде константно достапен за нас како советник. Имам еден добар тим, кој секако дека ќе се надоградува. Времето е кусо до првиот двомеч, но за понатаму сигурно ќе вклучам уште еден – двајца тренери, бидејќи сакам да направам еден поширок домашен состав на тренери кои ќе работат со репрезентацијата, се надевам, на подолго време“, изјави за СПОРТМЕДИА, селекторот Данило Брестовац.

Брестовац и Матлиевски, заедно се „селат“ од младинскиот погон во А тимот, а главната причина што соработката продолжува на повисоко ниво, е што секој од нив мисли со своја глава.

„Секогаш им викам на моите помошници дека ако седнеме на маса и ако ми ’климаат’ со главата, ќе ги сменам веднаш. Мене ми е потребен некој што ќе има спротивни ставови од моите, кои ќе биде потребно да ги усогласиме. Не ми е потребен некој кој размислува како мене, така сум функционирал и јас со Лино и со Обрван, секогаш сум ги изнедувал своите ставови, некогаш сум победувал, некогаш сум губел, но секогаш сум мислел со своја глава. Очекувам и од луѓето во мојот стручен штаб исто. Секогаш треба да видиме нешто што е подобро од нас“, додава Брестовац.