Последен пат Ферари беше шампион во Формула 1 во 2008 година предводени од Фелипе Маса и Кими Раиконен, освојувајќи ја титулата пред Мекларен. Од тогаш па до сега тимот доживе серија на порази, а се чини дека конечно е пронајден рецептот за успех, создаден е моќен болид кој ќе ја сврте работата. Барем така велат пред сезонските тестови на кои Ферари покажа сила и го имаше најбрзиот болид. Мерцедес се мачеше да воспостави баланс, па постојано излегуваа некои проблеми кои требаше да се поправат.

Се разбира дека двата тима ги криеја адутите и машините ќе бидат надоградувани пред секоја трка, но повторно експертите на Ферари му даваат најголеми шанси за успех во новата сезона која почнува викендов, поточно во недела кога ќе се вози за Големата награда на Австралија на патеката „Алберт парк“ во Мелбурн.

Титулата ја брани Луис Хамилтон кој мината сезона ја освои петтата титула (2008, 2014, 2015, 2017 и 2018). На вечната листа на вкупни победи Британецот ја дели втората позиција со Аргентинецот Хуан Мануел Фанџо со по пет титули, а пред нив е само Михаел Шумахер со седум.

Токму Мерцедес и Ферари би требало да ја бијат битката за врвот. Мерцедес повторно напаѓа со Хамилтон и Валтери Ботас. Ферари ги има Себастијан Фетел и Шарл Леклер.

Денешните тренинзи, Хамилтон ги заврши на врвот на поредокот. Со тоа актуелниот светски првак само ја потврди тезата дека тимовите уште не ги покажале вистинските можности. Иако Мерцедес во текот на тестирањата не делуваше убедливо, Хамилтон верува дека „сребрената стрела“ повторно има најбрз болид.

„Ниту еден тим уште не ги покажала своите карти. Ферари беа многу силни на зимските тестирања. На денешните тестирања не беше така, но не верувам дека нивната брзина одеднаш исчезна. Можеби тие тестираа нешто друго, а тоа ќе го дознаеме во квалификациите и на главната трка“, изјави Хамилтон.

Мерцедес во Мелбурн нема триумф од 2016 година (тогаш победи Нико Розберг), додека Хамилтон чека триумф на „Алберт парк“ од 2015. Од друга страна, Фетел и Ферари имаат две едноподруго победи.

ТИМОВИ И ВОЗАЧИ

 

* Дури осум од десет екипи ги променија своите возачки поставки, а во 2019 ќе видиме некои повратници како Роберт Кубица и Данил Квијат.

* Оваа година имаме и четири нови возачи – Ландо Норис, Антонио Џовинаци, Александер Албон и Џорџ Расел.

* Шампионатот почнува на 17 март во Австралија, а завршува на 1 декември во Абу Даби. Ќе се вози на 21 патека

* Од оваа сезона ново правило стапува на сила според кој возачот што ќе оствари најбрз круг ќе добива бонус поени на своето конто и на контото на својот тим, доколку заврши меѓу првите 10.

* Болидите претрпеа модификации за да бидат побрзи, а таквите промени беа и желба на возачите за почести претекнувања и поспектакуларни трки.

* Кинеското ГП на 14 април во Шангај, ќе биде 1000 трка во историјата на Формула 1

СИТЕ ТРКИ ОВАА СЕЗОНА

ФЕРАРИ НАПАЃА СО СВОЈОТ НОВ И ПОДОБРЕН F90                                                                                                                                                           МЕРЦЕДЕС ГО ИМА ПОДОБРЕНИОТ W10