Еден од дуелите кои со нетрпение се чекаат во пролетниот дел од одбојкарското домашно првенство, дефинитивно е оној меѓу Вардар и Шутова, закажан за в недела (18 часот) во салата „Градски парк“ во Скопје.

Дерби во комплетна смисла на зборот и меч во кој особено „црвено-црните“ влегуваат со посебни мотиви. Шутова беше таа која „пред нос“ им го зема репрезентативецот Ѓоко Јосифов во преодниот рок што дополнително ги заостри односите меѓу клубовите.

Двете екипи се на третото, односно четвртото место на табелата, па бодовите од меѓусебниот дуел ќе играат и тоа каква улога во расплетот на првенството.

Вардарци го добија првиот дуел во сезоната со 3:2, а сега се надеваат на реприза на резултатот што ќе им овозможи истовремено да стават крај на двата порази во низа. Шутова, пак, е во победничка серија (три победи по ред), а радост во „Градски парк“ за нив ќе значи дури и продор кон второто место на табелата.

За Вардар поддршката ќе биде од големо значење па поради тоа ги повикуваат сите љубители на спортот да ги поддржат младите и идни надежи на македонската одбојка за да ги охрабрат да дојдат до победа и да се доближат скалило погоре до освојување на шампионската титула.

„Даваме сѐ од себе на теренот и надвор од него, борејќи се со секој скок и чекор. Се надеваме дека таа наша борба ќе ја видат што поголем број на луѓе, посебно оваа недела“, велат од вардаровиот табор.

Билетите за овој меч се веќе во продажба и чинат, симболични 50 денари.