Важат за големи, лути ривали. Важат за нашите најтрофејни клубови, и сега е време да си „помагаат“. Ова последното малку на шега, но утре Вардар против Шкупи ќе игра за себе, но ќе игра и за Работнички. Ќе прашате како тоа? Е па, Работнички моментално е на 5.место на табелата, место кое во никакви комбинации не води во Европа. Четврти е Шкупи, но чаирчани играат со Вардар на „Борис Трајковски“, и тој Вардар им бега само шест бода. Значи ако Вардар го победи Шкупи не само што ќе му избега цели девет бода во битката за втората – третата позиција на табелата, која сигурно носи Европа, туку ќе му даде шанса на Работнички да ги престигне чаирчани. Познато е дека и четвртото место води во Европа, но тоа да се оствари ќе треба Академија Пандев да го освои Купот на Македонија. Но Работнички ќе треба малку и самиот да си помогне, ќе треба конечно да почне да игра како што му доликува на еден гигант во мак-фудбалот. И ќе треба утре да ја победи Шкендија на нејзин терен.

За тие што не ги интересира мак – фудбалот сето ова е сложено и тешко за сфаќање, но тие што знаат за што се работи, е тие знаат што значи еден наш клуб да искочи во Европа. Значи најмалку 250.000 евра и без проблем проживување на една полусезона.

Секако дека има уште многу до крајот, утре се игра 23.коло, некои работи би можеле да се променат, но секој гол, секој бод е многу, многу значаен. Е тоа сите го знаат…