И оние мали минимални шанси, дека Иван Тричковски ќе може да биде во комбинација за дуелите со Летонија и Словенија, исчезнаа. Нашиот напаѓач, кој игра за АЕК Ларнака, го откажа настапот и тоа поради проблемите со мускулот. Спортмедиа, за разлика од некои други медиуми кои известуваа дека повредата не е сериозна, во повеќе наврати известуваше дека Тричковски, но и Стефан Спировски се повредени и дека не ќе можат да настапат на првите два меча во Г групата за пласман на ЕВРО 2020 година. Како што велат нашите информации, Тричковски нема ни да дојде на собирот кој е закажан за во понеделник кога и стартуваат подготовките на мечот со Летонија.

Селекторот Игор Ангеловски испрати повик до двајцата, се надеваше до последен момент на добри вести, но сепак и дефинитивно ќе мора да ја подготвува тактиката без Тричковски и Спировски. Претходно дефинитивно откажа и Аријан Адеми.