Светската фудбалска организација (ФИФА) спреми остра санкција за Манчестер Сити, а причината е нелегалните трансфери на малолетни фудбалери. ФИФА повеќе години ги истражува интернационалните трансфери на Сити. Според „Сан“, ФИФА верува дека ги преминала границите со партнерството со данскиот клуб Нордсјеланд и една младинска академија од Гана, која ја поседува претседателот на гореспоменатиот клуб Том Вернон.

Минатата година двајца играчи од таа академија Џорџ Дејвис и Доминик Одуро за дански медиуми изјавија дека потпишале за Сити и играле во младинските лиги пред да наполнат 18 години. Двајцата во меѓувреме си заминале, Дејвис сега игра во Летонија, а Одуро во САД.

ФИФА има документација за претојот на овие фудбалери во Сити но не соопштува детали. Според „Сан“ Светската фудбалска куќа има доволно докази за да го санкционира англискиот клуб, а најблагата казна би била забрана за трансфери во наредните два преодни рока, додека во најлош случај освен забраната за трансфери би го исфрлил клубот од Лигата на шампионите. Се очекува казната да биде соопштена за една до две недели.

Претходно Челси доби забрана за трансфери во два преодни рока поради прекршување на правилата за регистрација на фудбалери помлади од 18 години.