Поширокиот список на ракометари, кој селекторот Данило Брестовац треба да го објави за двомечот на најдобриот машки национален тим со Исланд, од квалификацискиот циклус за ЕП 2020, ќе биде познат на крајниот рок, 1. април.

Ваквата одлука на селекторот доаѓа од потребата да си остави време пред да донесе одлука околу неколку повредени играчи.

„За да го објавам списокот чекам на Филип Чурлевски, Томислав Јагуриновски, кои се жалат на некои ситни повреди. Поради тоа би го задржал своето право да не го објавам списокот до последниот рок, 1. април. Има некои позиции на кои имаме повредени играчи и на кои не знам што ќе правам. Некои одлуки зависат од нивната здравствена ситуација, доколку се добри би ги искористил, во спротивно треба да барам други солуции и решенија“, објасни за СПОРТМЕДИА, селекторот Данило Брестовац.

Првиот меч меѓу Македонија и Исланд се игра во Рејкјавик на 10 април, додека четири дена подоцна (14 април) овие две репрезентации ќе се соочат во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.