Директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски, денеска на прес-конференција, пред утрешното Собрание на ФФМ, порача дека Федерацијата треба да го смени статутот и да го усогласи со Законот за спорт. Во спротивно, тие ќе превземат други мерки и активности.

„Бараме од ФФМ да го усогласи статутот со Законот на спорт на Република Северна Македонија. Тоа е обврска на сите национални федерации. Одржување на Собранието без усогласување на статутот, ќе биде нелегитимно и ќе донесе сериозни последици“, изјави Каевски.

Тој дополни дека измените би можеле да се случат и на утрешното Собрание.

„Остануваме да видиме дали на утрешното Собрание ќе биде усогласен статутот. Во периодот од 2009 до 2013 година ја имала таа обврска, но тоа не го сторила. Бараме од ФФМ да ги извши своите обврски, за да може да ги користи правата согласно Законот“, дополни Каевски кој искажа дека АМС е подготовена да помогне на ФФМ на овие барања.

„Ние како Агенција сме подготовени да им помогнеме на ФФМ за исполнување на барањата и усогласување на статутот“, вели Каевски.