Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) инкасираше сума од фантастични 5,3 милијарди долари од организацијата на Светското првенство во 2018 година. Ова е објавено во финансискиот извештај за изминатите 4 години, кој го претстави светската куќа на фудбалот.

Според документот, во периодот од 2015 до 2018 година, приходите на ФИФА изнесувале 6,421 милијарди долари. Од оваа сума, 5,357 милијарди доаѓаат на сметката само од светското првенство што се одржа во Русија минатото лето. Иако досега беа само претпоставки, сега и официјално, СП во Русија 2018 година стана најпрофитабилниот Мундијал кога било организиран досега.

Во февруари, претседателот на ФИФА, Џани Инфантино не криеше да ги испофали Русите за организацијата на настанот, нарекувајќи го најдобро организираниот Мундијал досега. Светското првенство во 2018 година се одржа во 11 градови во Русија од 14 јуни до 15 јули, а нов светски првак стана селекцијата на Франција.