Два меча се во центарот на вниманието во денешното 23.коло во Првата Лига на Македонија. Вардар – Шкупи и Шкендија – Работнички се тие две дерби средби, натпревари кои се дерби во вистинска смисла на зборот.

Битката за Скопје, дуелот меѓу Вардар и Шкупи е дербито кое се игра на Маџари. Домашните се фаворити на хартија, но Шкупи е во налет, Шкупи има свои амбиции и свои екстра мотиви. Чаирчани не ни паметат кога последен пат славеле со Вардар на негов терен, еве шанса за такво нешто. Оваа битка е и за тоа кој ќе биде главен во Скопје.

Работнички ќе се „вади“ и тоа кај Шкендија…

Ако Работнички најмалку сака да игра против некого во ПМФЛ, и тоа на гости, тоа секако е Шкендија. И тоа поради традицијата која вели дека „романтичарите“ имаат неверојатен лош биланс против тетовци. Последен пат славеле во Тетово пред пет години, а на последните десет меча победиле само еднаш и тоа во Скопје. Но нема веќе избор за Работнички. Овој силен тим според имиња ќе мора да се „вади“ некаде, а тоа некаде е кај Шкендија. Само добра игра и победа може барем малку да го поправи разочарувањето.

„Пандевци“ пред освојување на нови бодови

Второпласираниот тим на табелата, А. Пандев дома го дочекува Силекс. Тоа е шанса за нова победа, за нови три бода. „Пандевци“ планираат бодови со кои и натаму ќе бидат меѓу Шкендија и Вардар на табелата. Македонија ЃП во Ѓорче се среќава со Беласица. Дали конечно „лавовите“ ќе дојдат до првата пролетна победа ќе видиме денеска. И на крај, во последниот меч од ова коло, во Охрид домашната Победа против Ренова ќе се обиде да излезе од агонијата.

ДВОЈКИ ЗА 23. КОЛО – ДЕНЕСКА, 14:30 Ч

ВАРДАР – ШКУПИ

ШКЕНДИЈА – РАБОТНИЧКИ

МАКЕДОНИЈА ЃП – БЕЛАСИЦА

ПОБЕДА – РЕНОВА

А. ПАНДЕВ – СИЛЕКС