Челзи ќе го блокира секој обид на Реал Мадрид да го купи Еден Азар во текот на летото, иако на тој начин тимот ризикува да го остави да си замине без пари, бидејќи Белгиецот ќе влезе во последната година од договорот.

Шефовите на “сините” се категорични дека не сакаат ни по која цена да се разделат со својот ас и екипата во исто време ќе се стреми да го убеди да потпише нов и подобрен договор. Белгискиот репрезентативец има договор кој истекува во летото 2020 година, а во пракса, не е расположен за потпишување нов. Самиот во неколку наврати изјави дека уште од мал сонува да заигра за Реал (М), а пред неколку месеци потенцираше дека чувствува дека е дојдено време за промена на средината.

Не е тајна и дека Зинедин Зидан, кој неодамна ја презеде повторно улогата на тренер на „кралевите“, исклучително многу го почитува Белгиецот и настојува да најде начин да го добие во својот нов состав. Флорентино Перез е исто така голем обожавател на Азар и се очекува ова лето да подготви „дебела“ понуда за него.