Блокотехна и Берое ги оправдаа очекувањата, во Гевгелија се играше вистинско дерби на колото, последно од регуларниот дел од сезоната во БИБЛ-лигата. За жал, битката за врвот на табелата им припадна на гостите кои славеа со 100-104 (29-27, 28-25, 19-27, 24-25).

Пен и Мијатовиќ беа одлични, постигнаа по 28 поени, кои пак не беа доволни за да се освои врвот, на другата страна Френкамп имаше 23 поени.

Во првите две четвртини, гевгеличани имаа минимална предност од 57-52. Но, гостите во 25. минута целосно се вратија во мечот, поведоа со 64-66, за уште поинтересна битка на теренот. Избраниците на Марјан Илиевски се држеа добро се до стартот на последната четвртина кога противникот дојде на плус 78-84, а на четири минути до крајот поведе со двоцифрена предност од 80-90.

Блокотехна не се откажа успеа со серија од 7-0 да дојде на 93-94 во 38. минута, а потоа и на 98-99, но гостите преку Стојанов одново ја зголемија предноста, кошаркарите на македонскиот тим не се снајдоа во завршницата.

Гевгеличани регуларниот дел од сезоната го завршуваат со скор од девет победи и три порази, односно на второто место на табелата.