Легендарниот голман на Реал Мадрид, Икер Касиљас, откри дека наскоро ќе го продолжи договорот со Порто и ќе остане во тимот до летото 2021 година. Тоа значи дека тој ќе продолжи да брани за тимот и со полни 40 години.

Вчера, ветеранот беше почестен во својата татковина со тоа што беше именуван за “Икона на Ла Лига” и стана амбасадор на Шпанскиот шампионат во Португалија.

„Кога дојдов во Порто, односот кон мене беше навистина одличен. Оваа недела ќе го обновам договорот, па сигурно ќе ја завршам кариерата тука, каде ќе играм до 40 години“, изјави голманот, кој пристигна на “Драгао” во 2015-та и оттогаш има 71 „празни мрежи“ во 149 натпревари.

Касиљас не пропушти да ја прокоментира и ситуацијата во неговиот поранешен клуб, кој идната сезона ќе го има и неговиот сегашен колега од Порто, Едер Милитао.

„Одличен трансфер на Реал бидејќи Едер има голем потенцијал и одличен карактер. Враќањето на Зидан е одлична работа. Прашање на време е кога ќе почне да ги враќа трофеите“, дополник Икер.