СПАРС – МЗТ СКОПЈЕ 70:71 (19:9, 23:18, 14:26, 14:18)

Со кош во последните секунди, кошаркарите на МЗТ Скопје А. стигнаа до првата победа во полуфиналето на АБА 2 лигата. На гостувањето во Сараево, момците на Кочов, иако одиграа очајно прво полувреме, се враќаа во игра неколкупати во вториот дел и на крајот храбро се изборија за победа.


„Металците“ лошо го отворија мечот и во првата четвртина дозволија да бидат тотално надиграни. Спарс ги искористи сите грешки на нашиот тим и успеа на пауза да замине со предност од 10 поени. Следуваше втор период во кој добивме впечаток дека малку работите е се променат, но освен повремените изблици на момците во сино, на крајот домашните успеаја уште повеќе да ја зголемат предноста. На одмор заминаа со 42:27, а на МЗТ Скопје како да му ставија до знаење дека во Сараево нема што да бараат.

Сепак, почетокот на вториот дел ни понуди едно малку поинакво лице на МЗТ Скопје. Момците на Кочов заиграа како што треба и полека почнаа да ја топат домашната предност. На минута и пол пред крајот на третиот период нашиот тим успеа да дојде до егал ситуација и да израмни на 53:53. Тоа како да најави голем пресврт иако домашните и третиот период го завршија со предност 56:53.

Кога требаше да се продолжи со одличната игра, МЗТ повторно падна и дозволи голем минус. Домашните направија стартни 6:0 и го доведоа нашиот тим во ситуација повторно да брка негатива. Некаде во последните 4 минути од мечот МЗТ Скопје повторно успеа да израмни на 62:62 и да се врати во игра за првата победа во ова полуфинале. Домашните влегоа повторно во серија и во последните две минути повторно имаа предност од 6 поени (70:64). Со тројка на Симоновски МЗТ се врати на минус три, а потоа Медфорд обезбеди нов напад, па Бојиќ реализираше за 70:69.

Нерезонски домашните отидоа на напад за три поени, промашија, а во последниот напад Медфорд тргна сам, иако не успеа да изгради добра позиција, погоди за два поени и добесе голема радост за МЗТ Скопје.

Медфорд, Иванов и Симоновски мечот го завршија со по 13 поени и беа најзаслужни што „штрковите“ се враќаат со победа од Сараево.