Дека знаеме да си ги цениме вредностите, дека знаеме да си ги цениме нашите фудбалски икони, фудбалски бисери, треба да докажеме само на еден начин. А тој е вечерва да дојдеме на Арената „Филип Втори“ и да му се поклониме на Горан Пандев.

Да го одбележиме сите заедно тој негов 100 настап во дресот на нашата најдобра фудбалска репрезентација. Да покажеме дека сме нација, држава која има пиетет кон остварувањата, и во светски рамки. Пандев е наш бренд веќе деценија и повеќе. Се гордееме што е наш, а светски. Сме навивале за Лацио, Интер, Наполи само поради него, а сега го следиме настапот на Џенова и само поради него. Секако еуфорични сме на секој негов гол за Македонија, а досега го имаше 33 во тие негови 99 настапи.

Засекогаш ќе ги паметиме неговите потези на мечевите со Холандија, Шпанија… а тој само сака едно. Да ја однесе Македонија на едно големо натпреварување. Но тој тоа не го може самиот, не може ни со помош на неговите репрезентативни колеги. На нив потребна им поддршка од полн „Филип Втори“, навивање, и кога не оди некогаш, да му се помогне на Пандев, да им се помогне на избраниците на селекторот Ангеловски. Само така можеме заедно до успех, до остварување на сонот.

Вечерва Пандев заслужува едно големо БРАВО, едно големо БЛАГОДАРАМ, еден голем АПЛАУЗ од полните трибини…