Кошаркарите на МЗТ Скопје направија голем исчекор кон финалето во АБА 2 лигата, откако синоќа направија брејк и славеа на првиот полуфинален меч против сараевски Спарс на гостински терен со 71:70. Победата ги израдува фановите на момците од Аеродром, кои веќе на вториот меч пред своја публика можат да го визираат местото во финалето.

По мечот, тренерот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов, потенцираше дека ова беше една исклучително тешка средба, но среќата на крајот им се насмевна.

„Знаевме дека не чека еден тежок натпревар. Спарс одржува ритам во континуитет веќе цела година. Ние бевме во грч низ целиот меч, а тоа не го очекував. Спарс беше подобар во целото прво полувреме, а ние бевме надвор од ритам. Имавме среќа и очекуваме една тешка и неизвесна средба во Скопје“, изјави Кочов.